Ангели Вардар шампиони на турнирот „Еден живот, една љубов“

Победник на шестиот турнир „Еден живот, една љубов" за генерацијата 2008/09 е Ангели Вардар. Натпреварите од турнирот, што традиционално веќе шест години се одржува во организација на Ракометната академија Вардар, се играа во СЦ „Јане Сандански".

Со натпреварите во генерацијата 2008/09 и во мини ракомет за децата родени 2010 година и помлади заврши шестиот турнир „Еден живот, една љубов", којшто во изминативе години стекна репутација на силен турнир каде млади ракометни таленти ги покажуваат своите вештини преку натпревари со нивни врсници, со што добиваат можност да проверат и колку напредуваат преку тренинзите.

Ангели Вардар од Скопје беа подобри од екипата на Бисинов 1 Вардар од Велес со кои играа во финалето. Шампионите победија со 13 – 11, превземајќи го водството во резултатот уште во текот на првото полувреме. Двете екипи силно ја посакуваа победата, но Ангели решително ја одржаа предноста во текот на 30-те минути игра. Двете екипи на дводневните натпревари покажаа голема пожртвуваност на теренот, исфрлајќи на површината млади таленти кои се покажаа во своето најдобро светло.

Најдобрите во генерацијата добија индивидуални признанија за најдобар стрелец, играч и голман. По тој редослед статуетки добија Ѓорѓи Лешникоски од Ангели Вардар, Трајче Костов од Бисинов 1 Вардар и Бојан Крстески од Седмерец Вардар.

Второто место го освои Бисинов 1 Вардар. Велешани во полуфиналето играа против екипата на Седмерец Вардар и на финишот во една атмосфера преплавена со силни емоции победија на пенали со 15 : 14. Регуларниот дел од натпреварот заврши нерешено со 12 : 12.

Повеќе фотографии од свечеото доделување на следниот линк.

За третото место се избори екипата на Седмерец Вардар од Охрид со победата против екипата на Ѓорче Петров Вардар со 21 : 11. Охриѓани после големото разочарување во полуфиналето, во малото финале заблескаа во полно светло.

Четвртото место го освои Ѓорче Петров Вардар, а на позициите од 5 – 8 место се пласираа Кисела Вода вардар, Будимир Вардар, Бисинов 2 Вардар и Филип Вардар.

Билтен од вториот натпреварувачки ден: turnir_08.09_mashki_2.docx

Повеќе фотографии од финалето и од мечот за 3.место.

Паралелно се одиграа и натпреварите во мини ракомет, каде децата родени 2010 година и помладите покажаа дека натпреварите се одлична можност за забава, но и родителите да видат што научиле на тренинзите во ракометните школи кои се дел од Ракометната академија Вардар. Во оваа категорија не се регистрираат постигнатите голови, сите учесници во натпреварот се победници, а на крајот од турнирот децата добија и дипломи за учество.

Повеќе фотографии од натпреварите во мини ракомет.

Се гледаме на следниот турнир „Еден живот, една љубов" следната сезона!

понеделник, 21 октомври 2019 - 10:00