Алушовски утре ја има првата прозивка за „црвено-црните“

Новиот тренер на Вардар, Стевче Алушовски, утре напладне ќе ја има првата прозивка на екипата со што ќе почнат подготовките за пролетниот дел од сезоната. Со исклучок на оние ракометари што се наоѓаат со своите репрезентации на ЕП во Шведска, Австрија и Норвешка сите други ќе му бидат на располагање на Алушовски.

На екипата треба да и се приклучи и Жозе де Толедо кој имаше операција и го пропушти првиот дел од сезоната. Тој ќе има дополнителни медицински прегледи по што ќе добие дозвола кога и со каков интензитет ќе се приклучи.

„Ќе имаме помош и од некои играчи од екипата на Вардар јуниор кои и досега тренираа со нас. Оваа седмица ќе тренираме тука, а како ќе се комплетираме ќе се зголемува интензитетот. Оние играчи од ЕП ќе треба и да се одморат, но и да бидеме секако подготвени за следните 4 меча во ЛШ“, вели Стевче Алушовски, тренерот на Вардар.

Првиот меч Вардар треба да го игра на 5 февруари во Германија против Кил. Потоа на 15 февруари во Скопје доаѓа Мотор Запорожје. На 22 февруари гостуваме кај Порто, и во последното 14 коло сме домаќини на Монпелје.

Вардар сезонава брани три трофеи, во домашното првенство, СЕХА Газпром лигата и во ЕХФ лигата на шампионите.
Првиот што ќе треба да се одбрани е оној во СЕХА лигата. "Црвено-црните" директно се пласираа во четвртфиналната фаза и таму го чекаат победникот од дуелот меѓу Еурофарм Работник и Нексе. Ф4 турнирот во СЕХА би требало да се игра на почетокот на април.

Во ЕХФ лигата на шампионите Вардар сигурно ќе игра во осминафиналето, и има уште да се одиграат уште четири кола од регуларниот дел. Потоа во зависност од пласманот ќе го добиеме противникот во Топ-16 фазата.

Во март би требало да почне и плејофот во домашното првенство каде Вардар и Еурофарм Работник се приклучуваат на најдобрата четворка од домашното првенство. И тука во регуларниот дел има да се одиграат уште четири кола.

 

недела, 12 јануари 2020 - 15:27