Алушовски: Победа што е чекор до нова, 14-та титула на Вардар

Откако лани не беше прогласен победник во домашното првенство поради ситуацијата со пандемијата, сега плејофот во првенството на Македонија веќе се одржува и одиграни се три кола. Вардар1961 ја забележа и третата победа, овојпат против директниот конкурент за титулата, битолски Еурофарм Пелистер. Во првата пресметка сезонава „црвено-црните" победија со 35-27 правејќи голем чекор кон одбрана на титулата и на 14 трофеј во клупските витрини.

За тренерот Стефче Алушовски ова беше меч со кој почнува борбата на четири фронта.

„Честитки на екипата на Еурофарм на фер и коректната борба. Одигравме пред сè во одбрана извонреден меч. Крајниот резултат можеби и не е одраз на она што се случуваше на терен. Да бидам искрен жалам што не заврши и со поголема разлика. Сепак, некој да ни понудеше пред натпреварот осум разлика сигурно дека со две раце ќе прифатевме. Им честитам на моите играчи за пожртвуваноста и борбеноста, како и за залагањето, на карактерот кој го покажаа по не знам кој пат. Се она што го договаравме пред почетокот на натпреварот во играта во одбрана го испочитувавме. Дадовме 35 гола и сум преадоволен. Ова е голем чекор кон освојување на 14 титула за Вардар во Супер машката лига, вели Алушовски.

Најдобриот подарок го доби Иван Чупиќ кој им заблагодари на своите соиграчи за одичната средба и можноста заедно да се радуваат, за триумфот против Еурофарм Пелистер и за неговиот роденден.

„Очекувавме да одиграме добар натпревар. Се наоѓаме во налет, а сите влагуваме во форма. Екипата е далеку подобра отколку што беше во декември или во февруари. Знаевме дека Еурофарм Пелистер е сериозен противник и за овој натпревар се подготвувавме цела недела. Не е ништо готово. Има уште да се игра. Ова беше еден добар натпрвар и дефинитивно заслужена победа за нас. Кога моите соиграчи ми го честитаа роденденот денска им се заблагодарив и им реков дека за подарок сакам победа. Тоа се оствари. Од почетокот до крајот ја контролиравме средбата. Постојано бевме во предност, а 2-3 пати имавме и десет гола разлика. Честитки за целта екипа за добрата одбрана и добриот напад, смета Чупиќ.

Гостинскиот тренер Жељко Бабиќ призна дека Вардар1961 бил подобра и залсужено победил.
„Заслужена победа на Вардар дефинитивно. Вардарци имаа повеќе енергија и во одредени моменти може и повеќе квалитет. Сепак, верувам дека без разлика на квалитетот кој го поседуваат во Вардар ние паднавме енергетски и имаме пократка ротација. Имавме многу натпревари и емотивно се испразнивме. Секако една од причините за лошите перформанси е менталниот и физичкиот замор. „Имаме многу натпревари и особено за нашите млади ракометари е тешко да се издржи бидејќи оптоварувањата се големи исто како и очекувањата. Во една таква ситуација потонавме под притисокот на самиот натпревар. Сигурно разликата не е така голема како што изгледа. Во вторник играме натпревар во Лигата на Европа и ќе се обидеме да се вратиме и да продолжиме да играмеи понатаму. Ова е само еден натпревар, а ова е заслужена победа на Вардар. Имаме уште многу да се игра и треба што побрзо да се вратиме ментално, смета Бабиќ.

Голманот на гостите, Градимир Чаневски најави дека ќе се прави анализа на средбата за да е види каде грешеле и тоа да се поправи во иднина.
„Честитки за противникот за победата. Нашите технички грешки направија да биде голема разликата. Мора да го погледнеме убаво овој меч и да анализираме, да ги поправиме грешките. Има уште еден натпревар, ако загубивме со осум разлика, како што Вардар не победи со осум разлика, така можеме и ние. Може да имаме добар ден во Битола и да победиме. Наше е дотогаш да ги поправиме грешките и да анализираме, смета Чаневски.

До крајот на првенството останува да се играат уште 11 кола. Веројатно решавачко ќе биде гостувањето на Вардар во Битола кај Еурофарм Пелистер.

 

сабота, 27 март 2021 - 21:35

Share on Facebook