Алушовски и Вардар тргнаа со победа во 2020

Во новата 2020 година Вардар тргна со победа, иако игравме тренинг натпревар против Еурофарм Пелистер што го добија „црвено-црните" со 32-28. Дури и без неколку играчи во составот Вардар покажа дека сериозно се подготвува за она што му претстои следните месеци, односно одбраната на трите титули и враќањето на Куп титулата во Македонија.

Во тимот овојпат ги немавме голманите Кизиќ, Гедбан и Кугис, ниту пак Стоилов и Атман. Иако тренира во екипата Толедо се уште го нема облечено дресот, а и Дисингер е на регабилитација по операцијата на коленото. Со она што го има на располагање, тренерот Стевче Алушовски покажа дека тимот има квалитет и знае како да ги спои деловите од мозаикот. На голот беше младиот Гогов од екипата на Вардар јуниор, исто како и неговиот колега Анѓелковски.

Гостите од Битола во првото полувреме имаа неколкупати предност од 1-2 гола, но Вардар секогаш успеваше да биде во игра, да израмни. Откако последен пат Вардар израмни на 12-12, следуваше период на одлична игра и со три гола по ред зголемивме на 15-12. Со таа предност заминавме на одмор.

Во продолжението од натпреварот „црвено-црните" не само што притиснаа туку и заиграа подобро, па брзо таа предност се зголеми на максимални „плус 10" за водство 24-14. Тоа беше период во кој беше јасно дека Вардар ќе победи.

„Ова беше прв натпревар за нас, и сакав да видам како ќе биде во некои делови од играта. Имавме и некои отсутни играчи и задоволен сум од тоа како играчите се поставија и како сакаат да се наметнат. Ова беше само тренинг меч кон треба да ни покаже каде сме и каде треба да внимаваме во темпирањето на формата. Сега влегуваме во една сериозна фаза од подготовките за продолжувањето на сезоната и секако тој прв натпревар со Кил во Германија и верувам дека кога ќе бидеме комплетни ќе бидеме уште подобри, вели Стевче Алушовски, тренерот на Вардар.

Во ЕХФ лигата на шампионите Вардар на 5 февруари треба да патува за Германија каде ќе игра против Кил.

 

Вардар - Еурофарм Пелистер 32-28

ВАРДАР: Гогов, Карапалевски, Ѓашовски, Кукуловски 2, Ќосевски, Калараш 2, Горпишин, Горбок 1, Дибиров 4, Чупиќ 6, Скубе 9, Криштопанс 4, Димитриоски, Сикошек Пелко 3, Шишкарев 1, Анѓелковски

Еурофарм Пелистер: Маџоски 2, Маркоски, Талески 1, Чурлевски 3, Радовиќ 3, Јотиќ 7, Вегар, Кукоски, Велковски 1, Остроушко 1, Ратајец, Граџан 7, Ѓукиќ 1, Кузмановски, Петровски 2, Митревски, Трајковски, Чаневски

четврток, 23 јануари 2020 - 20:53