Рожерио: Го живеам мојот сон

Никогаш не сум мислел дека ракометот ќе биде мојата работа, дека од тоа ќе живеам, ќе бидам европски првак и ќе играм во вака добар клуб како Вардар. Тоа е како сон за мене. Она што денеска го живеам е мој сон, сон на моето семејство, на моите пријатели и сите што го сакаат ракометот во Бразил

Една година откако е во тимот на Вардар, Бразилецот Рожерио Мораеш станува сѐ позначаен дел од тимот, со поголема минутажа, со повеќе постигнати голови. Не се плаши од дуели, понекогаш на грбот „носи" и по двајца противнички ракометари. А кога топката ќе дојде до неговите раце, тогаш тешко се сопира, или е гол или пенал.

„Самба" веќе не е само Бразилец кој учи ракомет, туку играч што ги знае тајните на играта, што постојано напредува и станува и миленик на публиката. Сезонава на мечот со Нант постигна шест гола, половина од вкупниот број на голови што лани ги даде во дресот на Вардар.

Одлична најава за она што сезонава следува, за Рожерио и за Вардар.

* На мечот во саботата против Нант постигна шест голови, од што пет во првото полувреме. На секој натпревар играш сѐ подобро, и изгледа дека си веќе одлично вклопен во тимот.

„Саботниот меч беше многу тежок, победивме и тоа е навистина важно за нас. Не игравме најдобро што знаеме, имавме грешки и тоа го знаеме. Но, групата во која сме е навистина тешка, а ние како тим одигравме одлично и победивме. Секако дека сум среќен бидејќи постигнав 6 гола, и помогнав колку што можев, иако имав и неколку грешки што ги направив. Против големи екипи не смее да се прават грешки.

* Задоволен ли си со твојата форма. Сезонава имаш и поголема минутажа на теренот, иако сте три пивотмени во тимот.

„ Веќе една сезона сум во тимот, и на почетокот ми требаше период на адаптација, да го научам системот на игра, да го разберам ракометот подобро. Тренерот ми помогна сѐ тоа да го научам подобро, и сега сум посигурен во својата игра, за да го направам она што тренерот го бара од мене. Ние сме три пивотмени и сите тројца играме. Секој меч е различен, имаме различна стратегија и сите добиваме шанса за игра. Не е важно кој повеќе ќе игра, најважно е да се победи.

 

* Вардар игра одлична одбрана сезонава, и изгледа покомпактен. Сите сакаат да го повторат ланскиот резултат и да ги задржат освоените титули, во ЛШ, СЕХА лигата... Можно ли е тоа?

„ Го имаме речиси истиот тим од лани, и тоа ни помага да бидеме уште подобри во одбрана и да имаме конзистентен напад. Како одминува времето ќе бидеме уште подобри. Сите посакуваме да се задржат освоените титули. Рано е сега било што да се ветува, бидејќи е почеток на сезоната. Ги имаме истите амбиции како и лани, да ги одбраниме титулата во СЕХА лигата и во ЛШ, иако тоа не е нималку лесно, особено кога претходно си победил. Работите на тоа, и ќе се обидеме и сезонава да бидеме добри.

* Многупати на натпреварите си бил џокерот на тренерот, особено кога се играло си физички силни ривали. Не се плашиш да примиш удари од ривалите.

„Ако се плашам да примам удари тогаш не треба да играм ракомет, или да бидам пивотмен. Ракометот е спорт во кој има доста контакти, особено на позицијата на која јас играм. Сакам да играм против секакви ривали, без исклучок, а кога станува збор за некои посилни тогаш се добива и дополнителна мотивација. Среќен сум што можам да му помогнам на тимот и сакам и натаму да бидам дел од него.

* Сѐ уште во сеќавањата е освоената титула во Келн, и твоите игри таму. Во родниот Бразил беше пречекан како крал. Многу деца сигурно почнуваат да тренираат ракомет токму поради тебе.

„Откако ја освоивме титулата луѓето од мојот роден град ми приредија прием и забава кога бев таму на одмор, и добив подароци и признанија од градоначалникот. Јас сум првиот Бразилец во историјата што ја освоил лигата на шампионите, и тоа е навистина специјален момент.
Добив многу пораки од децата таму кои велат дека ќе почнат да тренираат ракомет поради мене и успехот што го постигнав. Јас сум нивната инспирација, иако понекогаш се уште не сум свесен дека е тоа така поради постигнатиот успех

 

* Кој момент ќе ти остане во сеќавање од твојот досегашен престој во Скопје?

„Па секако четврт-финалето против Флензбург во Скопје. Салата беше полна, неверојатна атмосфера, навивачите ни дадоа поддршка а ние победивме. Тоа беше навистина извонредно.
И се разбира доаѓањето во Скопје со европската титула. Тоа беше незаборавно. Не само за Македонија, туку и за сите нас играчи што бевме во тимот.

* Како го доживуваш Скопје?

„Го сакам Скопје, не ми требаше долго да се чувствувам како да сум дома. Времето е добро, храната одлична, и ова е град каде има што да правиш. Страста на луѓето за ракометот тука е голема, те сопираат на улица, сакаат да се фотографираат со тебе, да разговараат и сите го разбираат ракометот. Тоа е невозможно за Бразил.

* Ракометот не е многу популарен со Бразил. Која е твојата приказна, како стана играч?

„За жал ракометот во Бразил не е популарен, но многу се користи во училиштата и така и јас почнав, во училиштето, ништо сериозни. На 18 години почнав професионално да играм кога заминав од мојот роден град. Потоа бев повикан да играм за младинската репрезентација, па потоа и за сениорите. Тренерот Жорди Рибеира многу ми помогна да направам интернационална кариера.

* Си размислувал ли некогаш дека ќе бидеш ракометар, европски првак и ќе играш надвор од Бразил?

„Никогаш не сум мислел дека ракометот ќе биде мојата работа, дека од тоа ќе живеам, ќе бидам европски првак и ќе играм во вака добар клуб како Вардар. Тоа е како сон за мене. Она што денеска го живеам е мој сон, сон на моето семејство, на моите пријатели и сите што го сакаат ракометот во Бразил. Да е биде е голема чест за мене и сите нив.

среда, 27 Септември 2017 - 11:01