Милосављев: Сакам до крај на кариерата да бранам во Вардар

Дојде тивко, но веднаш стана ѕвезда. Со своите одлични партии во дресот на Вардар стана миленик на публиката, и незаменлив дел од екипата. Сите во него го гледаат наследникот на Арпад Штербик, но за младиот Дејан Милосављев поважно е тимот да продолжи да победува. Така и неговата желба се исполнува, и онаа на клубот и навивачите.
Имаше одличен почеток на сезоната, веднаш влезе во различните избори што ги прават како играч на натпревар, со најдобра одбрана.

* Во Вардар пристигна како втор голман, со цел на учиш, да се надградуваш но стана дел од првата екипа и сега е незамисливо да се игра без тебе. Сезоната ја почна со пет победи во СЕХА лигата, четири во ЕХФ лигата на шампионите. Очекуваше ли таков почеток на твојата кариера во Вардар?
„Искрено не го очекував ова. Знам дека сум на вистинското место. Севкупниот труд и подготовките, како и поддршката на екипата, клубот и голманскиот тренер Дејан Периќ дадоа ваков резултат, односно да јас бидам подготвен да ја понесам улогата на првиот голман. Воопшто не е мал залак, односно, многу е тешко да се биде прв голман во ваков клуб, покрај вакви навивачи и со големиот притисок. Но мислам дека добро се снајдов и можам да речам дека ќе бидам задоволен ако продолжи вака, но би сакал да биде уште подобро.

* Што си помисли кога го доби повикот да се приклучиш на Вардар?
„Првиот пат кога ме повикаа бев во Хрватска со репрезентацијата, во јануари. Менаџерот ми кажа дека Вардар се јавил и што мислам јас? Одговорив дека сакам во Вардар. Не прашав ниту едно дополнително прашање.

* Колку ти беше тешко да се привикнеш на новиот начин на работа и на поинакви амбиции?
„Мислам дека за нас балканците е олеснување што е клубот во Македонија и што се зборува, ако може така да речам еден од балканските јазици, односно македонскиот јазик, но и српско-хрватскиот го зборуваат па лесно се разбираме. Сличен е и менталитетот, и со руските играчи лесно се разбираме. Сите сме тука некаде, слично размислуваме и мислам дека тоа е една голема предност за играчите кои доаѓаат од овие простори да се прилагодат.

* Поразлично ли е на терен од она што се гледа на ТВ или од трибините. Досега ЛШ и СЕХА можеше само да ги гледаш, а сега и да бидеш дел од нив?
„Искрено, првото чувство беше неверојатно уште кога влегов во соблекувалната и кога ја видов како изгледа. Ги гледав играчите како Тимур, Карачиќ, и сето тоа за мене беше големо воодушевување. Да можам да тренирам и секојдневно да живеам со нив значи многу. И претходно бев во клуб кој имаше големи амбиции, Партизан, но ова сега е нешто сосема друго – да се биде дел од Лигата на шампионите. И СЕХА лигата ги има своите квалитети, и мислам дека е на одлично ниво како е организирана. Но многу сум среќен, не можам да го најдам вистинскиот збор за чувството кое го доживувам во Скопје. Пред три месеци играв во српската лига, а сега играм Лига на шампионите. Ги победивме Веспрем, Монпелје, Кристијанштад, Рајн Некар. И не знам, да ми кажеше некој да ја кажам најголемата желба што ја имам, тоа е ова што сега ми се случува со Вардар.

 

* Во Вардар дојде во момент кога многу работи се менуваа и се сменија. Што очекуваше и што виде кога дојде во клубот? Како замислуваше дека изгледа еден ваков тим?
„Кога дојдов првиот ден не очекував дека постарите играчи кои имаа успех во кариерата дека толку лесно пристапуваат до младите играчи и им даваат поддршка. Како да сме другари од почетокот и тоа ме воодушеви. Тоа се големи личности во светскиот ракомет и ме воодушеви нивниот пристап кон помладите играчи. Тоа најмногу ме воодушеви во Вардар. А како клуб, мисла дека има најубава сала и најубави услови за тренинг. Ова е нешто фантастично што Скопје и Македонија го имаат.

* Со нетрпение го чекаше натпреварот против Рајн Некар. Почувствува како е да се игра во полна сала со силна поддршка на публиката. Овој натпревар може беше првото вистинско доживување на атмосферата во Скопје?
" Чув, а и гледав каква може да биде атмосферата во Скопје, но сега прв пат ја доживеав. И тоа што го доживеав на теренот, со поддршката која публиката ја дава, не се објаснува. На моменти се чувствував и слаб и барав поддршка, и кога и да се свртев кон публиката и да побарав од нив поддршка, ја добивав. И сѐ добро заврши. Таа атмосфера не се опишува, се доживува. Колку е тоа силна енергија, на трибините беа свршеницата и мајка ми, кои по натпреварот не можеа да се смират, полни со емоции и воодушевување. Мислам дека оваа публика е нешто посебно.

* Од навивачите веќе доби прекарот – Бејби Штербик. Иако имаш од претходно друг прекар, како овој го доживуваш? Како се носиш со притисокот зашто сите очекуваат и да бидеш подобар од него?
„ Мислам дека Штербик е еден и никој не може да биде како него. Искрено, Штербик е најдобар голман на сите времиња. А тој прекар ми импонира, и јас се трудам за екипата да допринесам како што и тој тоа ќе го стореше. Мислам дека и публиката тоа го гледа. Јас би сакал и јас да можам да дадам на клубот, колку што даде и тој. Мислам дека тој е посебен за оваа публика, зашто даде нешто посебно за клубот. Ќе дадам сѐ од себе и јас да се обидам да успеам како што успеа и тој.

* Долга е сезоната, има многу натпревари, секој викенд а понекогаш и во текот на работната недела. Може ли да се издржи физички тој напор?
„ За сега може. Сѐ се одвива како што треба. Имаше мали проблеми, малку болки, ама пред се одлучува големата желба и добриот тренинг. Уште еднаш сакам да го пофалам мојот тренер на голмани Дејан Периќ, зашто во вистински моменти се знае точно што да се работи. Никогаш не сум префорсиран, и кога бранам, и кога играчите бараат да бранам речиси цел тренинг за да шутираат, сепак голманскиот тренер знае како да ме сочува. Мислам дека тоа што го работам со него е вистинската работа. Во ниту еден момент не сум се почувствувал дека не сакам да застанам на гол дека ми е доста. Секогаш сакам уште и уште. Не се чувствувам уморно и неподготвено. Напротив добар сум. Знам дека следат многу натпревари, и многу се тренира. Сега стигна новиот голман, а претходно голема помош беа и помладите Марко Кизиќ и Андреј Петковски. Сега дојде Калифа и мислам дека одлично ќе си ја одработиме работата и ќе биде уште полесно.

 

* Многумина го потценија Вардар сезонава. Дали тоа дополнително ве мотивираше?
„ Мислам дека не сме биле аутсајдери на ниту еден натпревар. На мечот со Рајн Некар некои луѓе очекуваа дека мечот може да биде многу потежок, зашто Рајн Некар е брза екипа, а ние имаме неколку повредени играчи и може не сме во можност да играме брз ракомет. Имавме напорен натпревар. А тоа дека луѓето сезонава го потценија Вардар, почувствуваме на сопствената кожа, и тоа дополнително не мотивираше зашто ова се играчи кои вредат и сакаат да се докажат. Дојдоа и играчи кои се желни да се докажат. Скубе е феноменален дечко, кој сака да се докаже а и публиката за кратко време многу го засака. Мислам дека во Вардар остана еден ростер кој даде сила, енергија за новите кои дојдоа и кои се привикнуваат на новиот начин на работа. Но костурот на екипата кој беше и минатата сезона, а кој го сочинува Вардар, тука мислам на капитенот Стојанче Стоилов, Тимур, Карачиќ, Чупиќ, Шишкарев, сето тоа се играчи со светски имиња во ракометот и мислам дека ниту еден противник кој ќе се најде спроти нив не треба да ги потцени.

* Што е тоа кај Вардар, што и кога го отпишуваат сепак игра добро?
„ Тоа искрено и мене ме интересира. Тоа е некоја емоција, не можам да го опишам. Дури и кога губиме воопшто немаш чувство дека губиш. Да се плашиш дека ќе поведе противникот со поголема разлика, да имаш лошо чувство, страв дека ќе изгубиш, напротив во главата ти е само победа. И знаеш дека екипата пред мене ќе направи нешто и дека заедно со мене ќе направиме победничка разлика. Не знам што е тоа, но се случува. Значи и кога играме лошо ги победуваме подобрите екипи. Мислам дека одговорот може да го знае некој од постарите играчи во Вардар.

* Вардар е пак фаворит во групата во Лигата на шампионите за освојување на првото место. Стигнуваат и некои посериозни противници. Може ли да продолжи победничката низа?
„ Мислам дека и натпреварите што поминаа не беа лесни. Кај Монпелје и кај Веспрем се најтешките гостувања. Следи Барселона, тоа се многу сериозни противници. Секој противник има квалитет и ниту еден натпревар не е лесен. Ние за тоа сме свесни и затоа вака играме и победуваме. Свесни сме дека не можеме да се опуштиме дека играме лесен натпревар. Прво полувреме да намалиме темпо, а потоа да засилиме – тоа во оваа екипа го нема. Следат тешки натпревари и во СЕХА и во ЛШ, и ќе се обидеме да продолжиме вака. Ќе дадеме 120 отсто од себе и ќе биде што ќе биде. Тешки натпревари се и ќе дадеме се од себе.

* Слично како и ЕХФ лигата на шампионите и СЕХА лигата е важно натпреварување за Вардар. Тука сите го гледаат Вардар како фаворит, а сезонава има повторно неколку екипи што сакаат да го победат Вардар?
„ СЕХА лигата ме воодушеви и организацијата е на високо ниво. Додека гледав, не мислев дека е тоа на таков фантастично ниво, но сега се уверив, и мислам дека екипите се одлични. Според мене ППД Загреб и Мешков се најголемите конкуренти со кои може да имаме проблем. Со останатите мислам дека не треба да имаме проблем. Сите го гледаат Вардар на Ф4 турнирот и ќе сториме сѐ да стигнеме таму. Гледам дека и Нексе и Татран играат добар ракомет и дека треба да бидеме внимателни на натпреварите и со нив.

* Лесно е да се мотивираш за ЛШ, кога секој меч е некое дерби. Како се мотивираш за СЕХА лига, особено против аутсајдер и се очекува лесна победа?
„ Искрено не бирам натпревари. Нема овој противник е лош, овој е добар противник. Јас за секој морам да бидам подготвен како голман. Млад сум и вистинскиот ракометар не треба да одбира натпревари, туку треба за секој меч да биде 100 сконцентиран и подготвен, и да даде најдобро од себе за да и помогне на екипата да победи. Мене потешко ми е да играм натпревари во СЕХА отколку во ЛШ. Екипите кои доаѓаат во СЕХА лигата имаат многу поголема желба да играат против Вардар и даваат многу повеќе отпор. Секој во СЕХА лигата против Вардар дава 100 отсто од можностите и тоа воопшто не се лоши екипи, тоа се сериозни екипи и никој не се опушта. Воопшто нема дилема околу мотивацијата, мораш да бидеш мотивиран и кога ќе застанам пред голот тоа е тоа. Јас живеам за ова.

* Малкумина го знаат Дејан надвор од теренот. Кој е Дејан Милосављев приватно? Те препознаваат ли во Скопје, ти приоѓаат луѓето?
* Времето го поминувам во станот додека гледам натпревари или некои автобиографски филмови кои ми се најинтересни. Многу сум поврзан за семејството, за свршеницата, која ми е најголема поддршка откако дојдов во Скопје. Постојано е со мене, ме тратеше во сите предизвици и можам да речам дека на некој начин ми го чува грбот. Во однос на Скопје, се уште не сум се почувствувал славен. Доаѓаат децата после натпреварите да се сликаме на теренот. Луѓето кои ќе ме препознаат ме поздравуваа и тоа многу ми значи. Многу значи да знаеш дека ја имаш поддршката на публиката.

* Веќе стануваш популарен и во Србија. Стигаат ли некои пораки на поддршка?
„ Сите поранешни тренери, со кои сум тренирал знаат дека ова е голем предизвик и дека не е лесно. Имам работено со многу тренери во мојата кратко кариера, сум многу млад, даваат поддршка, како и соиграчите од поранешните клубови. Сите најдоа време да ми честитаат и за тоа сум многу благодарен. Тоа не е мала работа.

* Првпат почнуваш интернационална кариера. Ти недостига ли нешто?
„ Јас на 13 години заминав од дома и отидов да играм во Југовиќ, каде сам одев и во основно училиште и во средно училиште. Не ми е проблем да се одвојам од домот, а кога ќе ме фати носталгија после два – три месеци, чувствувам дека ми недостигаат братот, сестрата, мајка ми или татко ми. Компензираме. Секогаш некој доаѓа кај мене. Се гледаше на два – три месеци. Токму кога ќе ми дојде желбата за нив, некој ќе дојде и ќе се видиме.

* Со Вардар имаш договор на три години. Каде се гледаш за три години?
„ Во Вардар. Договорот ми е на три години. Но има луѓе кои кога ќе дојдат, коментираат, добро браниш, млад си, нема да останеш долго во Вардар, но јас не размислувам за друг клуб. Неверојатно е ова што тука го доживувам и би останал уште 15 години, целата своја кариера. Гледам зашто сите играчи тука би сакале да ја поминат кариерата. Најверојатно ќе дојде време да отидам во друг клуб, зашто сите менуваат, но сега би сакал тука цела своја кариера, ако е можно.

 

петок, 12 октомври 2018 - 10:33