Марко и Никола Кизиќ – братски тандем на голот на Вардар

Со почетокот на новата сезона, 16-годишниот голман Марко Кизиќ доби ретка шанса да се натпреварува во Супер лигата како дел од екипата Вардар Јуниор. Во август годинава со првиот тим на Вардар на турнирот во Германија, застана пред голот на натпреварот со Рајн Некар и забележа пет одбрани. Во Вардар Јуниор го пречека и постариот брат Никола Кизиќ, голман кој и минатите години ги бранеше црвено – црните бои во екипата предводена од тренерот Стојан Петрушевски.

Сезонава десетина млади вардарци кои лани тренираа во кадетските и младинските селекции на Вардар, како и Марко добија можност да играат во Супер лигата. Со браќата Кизиќ разговараме за тоа какво е искуството да се напредува побрзо од она што е вообичаено во македонскиот ракомет, но и за тоа како е да се биде дел од млад амбициозен тим.
Марко Кизиќ е роден 2001 година, а лани работеше со тренерите Слободан Чивлачки и Кристијан Грчевски. Никола Кизиќ е роден 1996 година и сезонава е дел од поискусната група момчиња, кои треба да ги поддржат помладите вардарци. Изминатите 11 години Никола е дел од екипите на Вардар, и во последните 7 години тренира со тренерот Петрушевски.
Двајцата голмани, браќа се дел од списокот на играчи кои се пријавени за настап на натпреварите во СЕХА лигата заедно со вардаровите шампиони.

Заедно со првиот тим на Вардар беше на подготовките во Крањска Гора, а потоа на турнирот во Германија, на натпреварот со Рајн Некар тренерот Раул Гонзалез ти дозволи накратко да застанеш и пред голот. Со своите 16 години се спротивстави на возрасни и силни ракометари. Какво беше чувството кога им ги запре топките упатени кон голот?

Марко: Супер искуство е да тренираш со ракометарите кои ти се и идоли. Видов како е да си дел од шампионски тим, и тоа искуство е само дополнителна мотивација. Со екипата бев на подготовките и беше малку напорно, но се издржува. Целата екипа ме прифати, се трудеа да се чуствувам како дел од тимот иако се многу повозрасни од мене. Штербик се трудеше да ме научи на некои потези и ми укажа на некои грешки. Работевме заедно за да ги поправам. Се обидов да дадам сѐ од себе и на тренинзите и на натпреварот. Имав пет одбрани на натпреварот со Рајн Некар, но чуството не се опишува. Во моментот додека си на гол не размислуваш. Гледаш дека си ја одбранил топката и тоа е супер, но одиш понатаму да ја одбраниш и следната топка. Чувствата доаѓаат после натпреварот кога во глава ги преживуваш тие неколку минути. А, по натпреварот бев пресреќен во однос на мојот настап.

Велат во спортот, покрај талентот и напорниот тренинг, треба да се има и среќа да се напредува. За Марко се чини коцките среќа се редат на помлади години од она што е вообичаено за македонскиот ракомет, но какво е твоето искуство во Вардар?

Никола: Имаме систем на тренирање кој опфаќа базични припреми, тренинг на гол, а потоа работиме и тактика. Навистина работиме да се развиваме нанапред, да не останеме на нивото на кое веќе сме стигнале. Имаме одлични услови за работа, соработуваме со одлични тренери, а на нас е да работиме.
Пред две години имав можност да учествувам на турнир со првиот тим и со нив се стекнува искуство кое многу ни помага. Зашто дури и концентрацијата на тренинг со таа екипа е огромна и ако можеш да ја одржиш и на тренинзите со сопствената екипа, веќе си направил голем чекор напред. За нас е најважно психички да бидеме подготвени. Ако не си подготвен психички, може да бидеш во најдобрата физичка кондиција и тоа нема да ти помогне пред голот. Треба да размислуваме два чекори пред противничкиот играч. Затоа во модерниот ракомет голманот учествува со 50 отсто од постигнатиот резултат.

Марко Кизиќ

Марко: Ракометниот клуб дава можност да напредуваме и преку соработка со тренерите кои работат со првиот тим. Додека бев во составот на кадетската и младинската селекција, со нас работеше и тренерот Давид Дејвис, од кого многу научив. За него е важно голманот да одржи концентрација за да може да предвиди во која насока би одела топката. Многу работевме на психичка подготовка на голманите.

Годинава Вардар Јуниор е подновена со многу помлади играчи. Треба да им пренесете некое искуство, но со оглед на разликата во возраста, како се сложувате?

Никола: Во овој период се направи некоја рамнотежа. Помладите кога дојдоа во тимот влегоа со некој респект кон постарите, но успеавме тоа да го надминеме и да почнеме да функционираме како едно. Ако сакаме да имаме резултати важно е да функционираме без воздржувања и да не се двоиме. Комуникација мора да постои. Заедно бевме и на подготовки и се преброди тој некој страв од поискусните.
Како капитен на тимот битно ми е добро да функционираме заедно. Не е важно кој ќе го даде голот, чија ќе биде одбраната, важно е да имаме резултати.

Марко: Сега физички сме подготвени, и во пресрет на натпреварите главно се подготвуваме психички и тактички. Тројца голмани сме во тимот, заедно со Андреј Петковски и добро се усогласивме.

Подготвен ли си за притисокот да играш со постари од себе?

Марко: Ако сакаме да бидеме ракометари мора да изржиме. Како што вели тренерот нема млади и стари играчи, туку има само добри и лоши. А, ако сакаме да бидеме тука мора да бидеме добри, независно колку се возрасни ракометарите од противничкиот тим.

Сезонава 2017/2018 за првпат сте дел од една екипа, и тоа и двајцата сте на истата позиција – голманската. Постои ли ривалство меѓу вас двајцата?

Никола Кизиќ

Никола: Нормално постои ривалство, како и помеѓу секои спортисти, но поради тоа што сме браќа и ривалството и поддршката се поизразени. Од едната страна секој си гледа за себе, се бори за себе, но потоа и си помагаме, и со совети и заедно тренираме. Нормално е дека сме си поддршка. Првенствено како колеги, а потоа и како браќа. Марко можеби и добива малку повеќе помош, зашто и дома можам да му укажам на некои работи, а не само на терен. За голман многу се важни и разговорите. Но, и тој знае да подели совет, и од помалите може да се учи.

Марко: И досега имало многу помош, и сега Никола ми помага пред натпревари, за време на тренинзи. Откако сме заедно има поголеми можности за да размениме совет. Дополнително и притисокот е поголем зашто ако не е нешто добро знае да бара повеќе од мене. Позицијата е таква што секогаш мора да се соработува со голманите во екипата. На некој начин, голманите се посебна целина во тимот и како колеги си помагаме.

Не е реткост двајца браќа да се ракометари, и тоа во ист тим, но реткост е и двајцата да се голмани во истиот тим. Како се одлучивте за голманската позиција?

Марко: И двајцата почнавме како играчи кај Зоран Петковски. Ама брат ми пред мене стана голман и потоа јас барав и мене да ме стават - ако бато е голман, сакам и јас.

Никола: Јас немав избор во однос на позицијата. На почетокот тренирав со поранешниот репрезентативец Зоран Петковски, кој има големо голманско искуство, и тој после една една година ме премести на позицијата пред голот. Негодував, се спротивставував и дури сакав да си заминам од клубот зашто не сакав да бидам голман, но со време се приспособив. Тренерот едноставно виде дека не се плашам од топката и сметаше дека тоа е потребно да бидам добар голман.

А ти Марко се плашиш ли од топката?

Марко: Досега никоја не ми кажал такво нешто. Значи не.

Ако не се плашите од топка, од што најмногу му е страв на еден голман?

Никола: Од топки кои се блиску и се движат многу споро, а не си ги одбранил. Таква ситуација може да влијае на целиот натпревар.

Марко: Од голови што не треба да се примат.

вторник, 12 Септември 2017 - 11:29