Лука Циндриќ: Ми се остварија детските соништа

Когa на нападот не му оди, тогаш Циндриќ ја презема иницијативата, a Вардар знае дека речиси сигурно ќе постигне гол. Лесно се пробива низ противничката одбрана, уште полесно погодува, а сака и да асистира. Овие две сезони тој е една од главните ѕвезди на тимот. Со Вардар освои пет трофеи лани, беше избран за ракометар на годината во Хрватска, слично признание доби од навивачите во изборот на ЕХФ за ракометар на лигата на шампионите.

И оваа сезона е меѓу најдобрите, дел од почетниот тим на Вардар на натпреварите. Вардар има импресивен рекорд од 17 победи на 18 натпревари сезонава, а Циндриќ постигна 55 гола во СЕХА – Газпром лигата, и е втор стрелец во актуелниот европски и СЕХА првак.

По три сезони минати во Скопје летово заминува во Кјелце, поранешниот европски првак, но Скопје ќе му остане во сеќавањата како место од каде почна неговиот ѕвезден подем во ракометот, каде сите дознаа за Циндриќ. Но, вистинското катапултирање во врвот беше лани во Келн на Ф4 турнирот од ЕХФ лигата на шампионите.

Интервјуто на Лука Циндриќ е за официјалниот магазин на СЕХА Газпром лигата по повод Ф4 турнирот во Скопје што ќе се одржи овој викенд

* По голот во последните секунди во полуфиналето на ЛШ лани во Келн против Барселона сега повеќе луѓе го знаат Лука Циндриќ. Се смени ли нешто во твојот живот после тој натпревар?
- Некои детски сништа ми се остварија да постигнам таков гол, решавачки, во последните секунди против голем ривал. Пресреќен сум што се случи сето тоа така. Од друга страна добив и малку повеќе на важност и во репрезентацијата и во клубот, кај тренерот и играчите, малку поголема доверба секако.

* Ланската сезона беше највпечатлива во твојата кариера досега. Освои многу награди, што не е лесно.
- Годинава ми беше како од соништата. За краток временски период освоив многу. Од сезона во сезона растам како играч и како човек. Освоив доста и екипни и индивидуални награди. Тоа секако ми значи за натамошниот развој, за поголем потстрек за работа.

* Сите се прашуваат дали Вардар може да ги одбрани титулите што ги освои, вклучувајќи ја и онаа во Брест од СЕХА - Газпром лигата?
- Се разбира дека може. Тоа е нашата цел од почеток на сезоната. Не гледам зашто така и да не се однесуваме. Први сме во групата на ЛШ, и во СЕХА лигата. Верувам дека ќе успееме барем половина од она лани, да ги освоиме СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Сезонава можеби е малку потешко да се оствари тоа бидејќи противниците посериозно гледаат на нас. Лани во Келн дојдовме како аутсајдери. Сега сезонава не сфаќаат сериозно, им покажавме дека вредиме и знаеме.

* Сега Ф4 турнирот во СЕХА - Газпром лигата се игра во Скопје. Притисокот е голем, сите очекуваат нов трофеј?
- Драго ни е дека пред домашна публика ќе играме вака важни натпревари. Сите очекуваат дека ќе ја освоиме лигата, а јас знам дека ќе биде возбудливо. Секоја сезона е напнат турнир, и ова е добра увертира за она што следи потоа во ЛШ.

* Мешков секогаш ве мачел на терен, и сезонава само тие успеаја да ви земат бод?
- Тоа е добро познат ривал, нема да ни биде лесно, тие се одлична екипа. Имаме доста време да се воиграме, да видиме некои грешки, да ја унапредиме играта. Знам дека тренерот Раул тоа добро ќе го направи.

* Вардар покажа дека знае да игра под притисок. Сега нема поправен испит, секој меч е историја.
- Тоа само зборува за нас, каква репутација направивме. Едноставно дојдовме до ниво секој меч да ни биде важен и кон секој ривал гледаме со почит. Во овој спорт победува колективот. Дојдовме кон она за што се подготвувавме. Ова е цел од пред почеток на сезоната. Сега сме тука и нема враќање назад. Доаѓа најважното. Атмосферата е одлична и нема причина да се грижиме.

* Многу рекорди постави Вардар сезонава. Има ли крај, може ли уште нешто да се запише во клупската историја?
- Се разбира дека може. Ќе бидеме први што ќе ја одбраниме титулата во лигата на шампионите. Хахха кога ќе ја освоиме ќе дадам и друг одговор.

* Неколку сезони си во Вардар, и тоа во период кога клубот ги има најголемите успеси. Сигурно ја знаеш тајната за постигнување вакви резултати?
- Главната тајна нема да ја откријам. Таа ќе ја сочувам за нас. Но, ќе кажам една
Вистина. Тоа е дека ваква екипа не се прави за една година, туку неколку години се потребни за да се стигне до високо ниво. Сите добро се познаваме меѓу себе. И во соблекувалната е добра атмосфера, имаме пријателство. Тоа е нашата најголема сила.

* Сите ја знаат твојата спортска приказна и дека подеднакво добра беше и во фудбалот, а сепак ракометот ти стана професија. Дали некогаш се двоумеше околу фудбалот и ракометот?
- Отсекогаш сум спортски тип. Осум години играв фудбал, но татко ми беше ракометни тренер и случајно, од забава тргнав и на ракомет. Како и сите деца што прават и се обидуваат во сите спортови. Ми се допадна. Добив и покана од младинската репрезентација и така останав во ракометот. И продолжив многу посветено да тренирам.

* Што ти помогна да станеш добар ракометар?
- Ми помогнаа најблиските, родители и пријателите кои секогаш се со мене. Вербата и поддршката што ми ги дадоа и во животот и во ракометот, придонесе сѐ да ми биде полесно.

*Зошто го одбра Вардар?
- Ми се допадна Скопје додека бев тука со Металург. Кога стигна понудата од Вардар не размислував многу, туку верував дека тоа е вистинскиот избор. За Раул и за Сергеј веќе имав чуено добри работи и така се одлучив за Вардар.

* Како би го опишал Вардар и своите соиграчи накратко?
- Би ги опишал како еден собир на многу паметни луѓе за кои гарантирам дека во секое време се подготвени да помогнат на секој член од екипата. Навистина вистински пријатели.

* За многумина млади ти си нивниот идол, но има ли Лука негов ракометен или спортски идол?
- Се разбира. Од секогаш сум го гледал Ивано Балиќ и сум му се восхитувал. Секако дека и денеска ми е пример за спортист. Тој е идолот од моето детство. Како дете често го гледав како игра, а кога бев во репрезентацијата и многу комунициравме и работев со него. И како човек, и како ракометна величина за мене е единствен.



* Заминуваш летово од Скопје. Што ќе ти недостасува најмногу?
- Многу работи. Морам да признам дека мене во Скопје ми е многу убаво. Се навикнав тука, и навистина уживам со Вардар во овие последни моменти од сезонава. Се разбира дека ќе ми недостига екипата, како и целиот живот во Скопје. Не беше лесна одлука, но сепак во животот мора да се направи и некоја промена. Се селам во нов клуб, и сигурно ќе ми фали Скопје, но се надевам дека еден ден повторно ќе се вратам тука.

* Момент што најмногу ќе го паметиш од Скопје?
- Дефинитивно, без двоумење дочекот кога ја освоивме лигата на шампионите. Тоа е неповторливо. Мислам дека не бевме ни свесни што сме направиле. Дефинитивно, и сега се ежам додека зборувам, но тоа беше едно прекрасно искуство што се памти за цел живот.

* За добрите спортисти секогаш постои размислување дека се постојано во сала и само тренираат. Како го минуваш слободното време, имаш ли хоби?

- Немам некое хоби, но спортски тип сум и слободното време ми е секогаш исполнето со спорт. Сакам тенис, како и кошарка. Спортот е дел од моето секојдневие и така го минувам и слободното време.

* Постојано сте во автобус, авион на патувања. Како го „убиваш" ова време?
- Сакам да играм Плејстејшн и да гледам филмови.

* Кој е најдобар во плејстејшн во Вардар?
- Најдобар во Плејстејшн е Македа.

* Во Македонија сите сакаат да излезат на кафе, да се дружат... Има ли некое место што ти е омилено и друштво со кое сакаш да бидеш?
- Не сакам монотонија и секогаш сум на различни места. Но, бидејќи живеам во Аеродром, често сум низ населбата. Тука ми е и најблиску за кафе, и ако морам да одберам место – тоа е Дежа ву. Но, сакам да прошетам и на други места.

* Како успеваш да се одбраниш од девојките кои постојано бараат со нив да се фотографираш по завршување на натпреварите?
- Сето тоа поминува убаво и во некој нормален разговор. Досега не сум имал непријатни ситуации.

* Што ќе понесеш со себе од Скопје како спомен кога ќе заминеш за Кјелце?
- Ќе понесам ајвар и пинџур.

 

вторник, 10 април 2018 - 10:00