Криштопанс: Дојдов во Вардар за да победувам

Единственото интернационално засилување за Вардар во новата сезона е десниот бек Даинис Криштопанс, кој со своите 213 см. ќе биде вистински џин, особено во одбраната на европскиот првак.

Летонскиот репрезентативец веќе неколку денови е во Скопје пред и официјално да ги почне тренинзите со екипата на екипата за новата сезона. Допрва претстои периодот на прилагодување, но верува дека нема да има проблеми да се вклопи во играта на нашиот тим.

Сѐ уште е рано било што да кажам. Ова е само прв тренинг на кој имавме трчање. Немаме уште тактика, но верувам дека и тука ќе успеам брзо да се вклопам во она што од мене ќе го бара тимот и тренерот. Има време за се, а знам дека треба само да работам многу, вели Криштопанс кој немаше проблеми да ги издржи првите напорни тренинзи наметнати од стручниот штаб.

Првите денови од подготовките секогаш се резервирани за акумулирање на сила, за вршење на прегледи и правење програма на што најмногу треба да се посвети внимание во подготвителниот период.
Највисокиот играч во лигата на шампионите сезонава, со 213 см. реши својата кариера да ја продолжи во Македонија како дел од тимот на Вардар каде е договорено да остане во следните три сезони. Дојде од тимот на Мешков Брест.

Имав и други понуди, но сметав дека Вардар е најдоброто решение за мене. Кога дојдов во Брест тимот растеше, но решив да одам понатаму. И од она што го видов сигурно не сум згрешил во изборот. Од друга страна ова е европски првак, и сега сите ќе сакаат да не победат, да играат добро, а и ние ќе играме на повисоко ниво. Самата организација во клубот е многу подобра, на повисоко ниво, а клубот има и поголеми амбиции, а тоа се совпаѓа со она што и јас го сакам, вели Криштопанс.

Тој е стандарден дел од репрезентацијата на Летонија. Со екипата на Брест годинава играше на Ф4 турнирот во Белорусија, и во групната фаза од ЛШ, а потоа и меѓу најдобрите 16 екипи. Сезоната ја заврши со 76 постигнати голови во ЛШ, и 77 во СЕХА Газпром лигата.

Притисокот сега можеби е поголем, уште повеќе поради европската титула, но како ќе почнуваат натпреварите ќе биде полесно, иако сите сакаат да не победат. Подготвени сме на сѐ, и очекувам клубот да игра подеднакво добро како и лани, па и јас лесно да се вклопам во сето тоа, смета десниот бек.

Криштопанс доаѓа на местото на Алекс Душебаев, а публиката сега очекува подеднакво добро да го замени неговиот претходник. Иако станува збор за различни играчи, пред се физички, Вардар доби исто така бек шутер.

Сите ме прашуваат околу ова. Колку ќе можам да го заменам Душебаев, тоа знае само тренерот, но јас ќе дадам се од себе, за да го заменам достојно. Очекувам да играм и во одбрана и во напад, и да победувам со Вардар, затоа и дојдов тука, вели Криштопанс.

Вардар неделава ќе биде во Скопје, а потоа заминува за Словенија. Од таму за Германија каде ќе одиграат три контролни средби и потоа оди на Супер Глоуб во Доха. На почетокот на септември почнуваат натпреварите од СЕХА лигата со дербито со Металург.

петок, 28 јули 2017 - 10:00