Интервју 20 на 1 - Игор Карачиќ

Игор Карачиќ е меѓу ракометарите што најдолго е во оваа екипа на Вардар. Со „црвено-црните" ги постигна најголемите успеси во кариерата. Стигна до златниот медал во Лигата на шампионите, и беше и член на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.

Еден е од најомилените играчи, и постојано е опколен од навивачи кои сакаат да добијат автограм или да се фотографираат.

Но, дали знаете се за Игор Карачиќ? Му поставивме 20 прашања. Можеби нешто не сте знаеле за Карачиќ.

1. Која е најголемата придобивка од тоа да се биде познат?
- Можам да кажам дека во тоа има и една голема среќа затоа што можеш на своите млади фанови да им го покажеш вистинскиот пат во животот.

2. Која особина најмногу ја цениш кај другите луѓе?
- Хуманоста, искреноста и чувствителноста кон другите живи битија.

3. Што најмногу те нервира или фрустрира?
- Неправдата и лажговците.

4. Што најмногу сакаш кај себе?
- Што научив во животот никогаш да не се откажувам, и да не им правиш на другите она што не сакаш тебе да ти го прават.

5. Што е она што не го сакаш кај себе?
- Темпераментот

6. Кои се твоите најдобри моменти во ракометот?
- Имаше навистина многу, но секако можам да ги издвојат освојувањето на Лигата на шампионите со клубот и медалот на ЕП во Полска со репрезентацијата на Хрватска.

7. Кои се најлошите моменти?
- Елиминацијата од Флензбург во четврт-финалето за влез на Ф4

8. Како се релаксираш?
- Секогаш во добро друштво и позитивни луѓе.

9. Што може да те насмее?
- Вербата, љубовта и чувството дека некој ќе стори се за тебе.

10. Која е твојата најлоша навика?
- Спиење до доцна

11. Знајеќи го она што сега го знаеш, каков совет би си дал себе си кога би почнал повторно кариера?
- Од прв дена да се посветиш во остварување на целите бидејќи кариерата е кратка и секогаш да се биде задоволен со тоа што го имаш, а да работиш за да бидеш уште подобар.

12. Кој е најдобриот што некој ти го дал?
- Имало повеќе добри совети, а најмногу од моето семејство. Но, ако паметам некои од мојата кариера, тогаш сигурно е оној од 2016 година на ЕП во Полска кога Петар Метличиќ одржа состанок на терен пред почеток на натпреварот. Имавме невозможна мисија пред 20.000 полски навивачи да ја победиме Полска со 14 голови и да се пласираме во полуфиналето, и успеавме. А една од речениците беше: влезете и оставете го срцето на терен да бидете праведни спрема себе, бидејќи никој на овој свет не може да ви забрани да сонувате. Идите сега и исполнете ги соништата.

13. Што е за тебе перфектен ден?
- Друштво со моето цело семејство секогаш е за мене нешто одлично.

14. Најголемиот страв?
- Здравјето и животот на моите најблиски.

15. Што е она што го поседуваш и што ви е најдраго?
- Семејството

16. Ако не беше ракометар, што би бил?
- Веројатно фудбалер

17. Кое најубавото место на кое сте биле?
- Мостар и мојот дом

18. Каде би сакал да одиш, а каде досега не си бил?
- Бев во Израел, но не успеав се да видам. Така да сакам да се вратам таму и да ги посетам историските места што ги имам пропуштено.

19. По што сакаш да останеш запаметен?
- Не знам точно, но нека бидам запаметен онака каков што сум, а луѓето што ме познаваат добро, знаат што е тоа.

20. Кажи ни нешто што би било изненадување?
- Повеќе или помалку се знае за мене и нема со што да ве изненадам. Освен што можам да им дадам совет на младите спортисти кои сакаат да се образуваат дека се може да се направи со добра организација, и да се стигне да се заврши, бидејќи и самиот бев таков. На тоа сум горд што успеав во кариерата да добијам и факултетска диплома и да исполнам некои свои соништа.

понеделник, 3 декември 2018 - 01:29