И јас и навивачите имаме иста желба – признавам само победи

Тој е миленик на публиката, заедно навива со нив, го сакаат и почитуваат на секој чекор, со играчите е строг, бара максимум од нив. Темпераментот некогаш над разумот, па знаел и да биде во центарот на вниманието. Тој е човек што останал најдолго на тренерската клупа во Вардар. Со него почнува издигнувањето на Вардар, првиот настап во СЕХА лигата, првата титула во СЕХА.... Ако некој најдобро ја знае душата на Вардар тоа е Веселин Вујовиќ.

Одличен соговорник, секогаш кажува директно и јавно. Огромното искуство и успеси како играч, почнува да ги пренесува како тренер. На Балканските простори бил селектор на Македонија, на Србија и Црна кога кога беа една држава, на Словенија со која има освоено медал на СП.. Од клубови како Загреб, Копер, Вардар, Борац...

Но, некако секогаш се враќа на југ во Македонија. По третпат доаѓа во Вардар, во време кога клубот треба да се стабилизира кога треба да се направи тим..

* По третпат повторно седнувате на клупата на Вардар. Колку е различен овој Вардар, од оној во 2013 година кога како шампион на Македонија заминавте од клубот? Од играчите кои ги трениравте кога последен пат бевте тука сега е само капитенот Стоилов и голманот Ристовски.
- Многу е сменето. Не само Вардар. Сменет e градот, Македонија, економската ситуација, глобалната економија. Па и државата има ново име. Од тоа па натаму се нешто е сменето. Дојдов некаде каде се изгледа убаво, нашминкано, но јас не се чувствувам така добро. Некако тоа време пред т-8 години беше поинакво, имаше повеќе емоции. Онаа мала сала во Кале мене ми изгледаше како „Берси" во Париз. Оваа „Јане Сандански" секако е една од поубавите во Европа, има одлично услови за тренирање и играње. Составот е подобар, се... Само што дојдов во градот повторно, и ќе се обидам да најдам начин за враќање на се она што беше, и меѓу играчите, навивачите да биде на едно добро ниво.

* Со Вардар како тренер имате освоено речиси се: од титулите во првенството на Македонија, Купот, СЕХА лига... Останува само лигата на шампионите. Кој е мотивот на Вујовиќ по третпат да се врати во Скопје?
- Искрено да ви кажам, јас сум тренер кој според многумина тренирал клубови кои не ми биле ранг. Кога сум без работа и ќе ми се јави некој клуб, јас не гледам ништо туку едноставно сакам да работам. Сакам да тренирам. Не се важни парите, сакам да има работа и емоции. Ми недостасуваше адреналин, кога ти доаѓа ПСЖ, Кил, Барселона.. Не е тоа исто како кога Борац оди во Вогошче. Секогаш има страв околу ситуацијата со Ковид-19 и сакаме да се реши, за да може и салите да се наполнат. Спортот се игра поради навивачите. Ова сега што се игра во Европа, во другите лиги и спортови е за да се преживее. Кога ќе видам кој се минал низ Вардар како играч, какви играчи, ѕвезди, како се освојуваа титули, и сега повторно Вујовиќ доаѓа и треба нешто пак од ново да прави, па малку ми е криво.

* Секогаш велите дека вашата врска со Скопје, со Македонија е нешто невообичаено. Кога гостувавте како тренер на ривалска екипа (ППД Загреб, н.з.) во легендарната сала во СЦ Кале плачевте кога навивачите го скандираа вашето име. Влијаеше ли и таа врска на одлуката да се вратите?
- Па речиси 60 отсто тоа влијаеше при носење на одлуката. Кога го давам пасошот н граница јас речиси се гушкам со цариниците, истото е и кога плаќам патарина на автопат. Еве и сега дојдов со такси, и секогаш кога ќе ги повикам знаат кој повикува и секогаш имаме некој разговор. Градот, луѓето што ги среќавам, тоа е неверојатно. Тоа се тие сегменти, и се разбира поради Михајло Михајловски.

* Навивачите секогаш признаваат само победи, сакаат да се врати времето кога Вардар доминираше, не само во Македонија, туку и во Европа. Може ли, како, и кога повторно да се радуваат на нешто такво? Ја има ли потребната хемија за успех?
- И навивачите и јас имаме иста желба, не се разликуваме. И јас признавам само победи. Лично сметам дека за економска, играчка стабилизација на Вардар му треба една година. Ако лани беше Ковид сезона, а сепак беа направени некои успеси, како освојување на првенство и куп, сега би требало да играме подобро. Некои екипи ќе ги победиме, некои не. Ќе имаме сериозен ривал во домашното првенство поради прописите за бројот на странски играчи. Ако се биде како треба, и в година да доведеме 2-3 играчи тогаш би рекол дека нема да се плашам да играм против било кој. Сега ни недостасува за ротација еден квалитетен среден бек и еден лев бек, од врвен квалитет, да играат во напад и одбрана. Лично сметам дека в година можеме со сигурност да зборуваме за цели. Ова се повеќе желби отколку објективно. Можеби ќе се разочарам од некои играчи, некои ќе ме изненадат. Но, имаме играчи за тренинг, пријателски мечеви и за силни натпревари.

* Во последните три финални средби на кои играше Вардар последниве 14 дена, еднаш беше прв (турнирот во Струга), а двапати загуби во финале (Супер куп и Хумел куп). Дали сега формата се темпира токму за овие четвртфинални натпревари од СЕХА лигата? Што му недостасува на тимот да биде подготвен според вашиот вкус и размислувања?
- Во некои разговори и планирања, мислев дека ќе успееме да доведеме некои млади македонски играчи. Прво мислев да им дадеме шанса на повеќе македонски играчи. Досега им давав шанса на сите македонски играчи, и евидентно е дека нив им треба простор и време, да стекнат искуство. Можеби звучи грубо што губиме, но ако младите играчи немаат минутажа на такви мечеви кои се од пријателски карактер како да очекувам да играат на важните мечеви. Јас сакам да сфатам на кој детал треба да работа со нив. Па како да поведам некој играч на 1.000 км. долг пат и да не го пуштам да игра, и потоа да барам од него на тренинг нешто. Сакам и оние што се сигурни и мислат дека местото им е загарантирано да мислат дека може нешто да се смени.

* Невообичаено многу нови ракометари има во екипата сезонава. Ростерот е 24 ракометари, првпат ќе играте истовремено од самиот почеток, домашно првенство, сеха лига, ЛШ... Може ли да се издржи тоа темпо?
- Не може да се издржи. Според мене, иако претседателот сигурно ќе каже поинаку, приорите треба да ни бидат домашно првенство, па лига на шампиони, куп и СЕХА лига. Има некои одлуки што ги донел РФМ. Тоа треба да се почитува, иако имам свое мислење. Да се игра 75-80 мечеви не може да се издржи. Некаде ќе пукнеме. Но, не треба да биде во домашното првенство, па и во Лига на шампиони. Треба да ја цениме домашната лига. Така е во Бундеслигата. Тие играт и во Европа, но на прво место е домашната лига.

* При последниот престој во Скопје донесовте неколку играчи во Вардар, верувавте во нив, им најдовте соодветно место во тимот, а тие потоа возвратија со одлични игри и скапи трансфери. Сигурно сте среќни за Карачиќ, Абутовиќ... На кој играч сега му предвидувате таква кариера ако се склопат коцките?
- Морам да кажам многу за Џереми Тото. Тој во Висла речиси не играше. Тој веќе покажа дека е одличен играч и беше МВП во Магдебург. Тој би можел да биде повикан и за репрезентацијата на Франција. Јан Чувара е многу интересен играч исто. Мартин Томовски може да дојде и да замине, бидејќи има одличен квалитет. Валчак е добар и коректен. Неверојатна дисциплина има и вистински борец е Бакариа. Чекаме Гурбиндо да се привикне, само што се приклучи на тимот. Кудуз е страшен шутер, но имаше проблем во Германија со вирус.

* Целта на Вардар е пласман на Ф4? Размислувате ли можеби и за финале, па и за трофеј?
- Ги гледав натпреварите на Веспрем против Нексе, и Мешков против Еурофарм. Но, мислам дека за нас е поопасен Загреб отколку некој друг во полуфинале. Мислам дека можеме и да победиме на крај.

* Токму во Хрватска ја освоивте првата титула во СЕХА. Потоа го водевте и ППД Загреб. Колку е напредната СЕХА лигата низ годиниве и колку тоа натпреварување е важно за вас клубовите?
- Тогаш лигите во Македонија и во Хрватска беа доста слаби. Тогаш брзо се испаѓаше од европските купови, а потоа немаш силни натпревари. Немаш потребно искуство за силни меѓународни натпревари. Тогаш СЕХА лигата беше полн погодок. Оттогаш работите се сменија, Вардар беше двапати првак на Европа, Загреб постојано е дел во ЛШ. Сега тоа почнува да им е товар на екипите, оние силните. На пример за Вардар е веќе товар. СЕХА треба да најде начин да има минување од тука во групите во ЛШ, или нешто друго, да има некој начин да сатисфакција на клубовите. Сега сме во блага криза.

* Од девет досегашни Ф4 турнири на кои играл Вардар, петпати бил првак. Кој според вас има сега шанса да стигне до титулата?
- Лично Мешков навистина ми остави впечаток. Не тако брзо, но тие играат многу добро. Лани во ЛШ играа одлично. Веспрем малку падна со заминување на некои играчи. Но, треба да се почека бидејќи се голема екипа. Секако, ако помине ние, сигурно победуваме.

 

недела, 29 август 2021 - 20:16

Share on Facebook