Алушовски: Струга ќе биде прв тест на она што сме го работеле досега

По пауза од шест години екипата на Вардар 1961 повторно се враќа во Струга каде ќе настапува на познатиот летен турнир. Годинава на истиот ќе настапуваат само домашни екипи. „Црвено-црните" последен пат триумфирале на Отвореното игралиште во 2007 година. Сега ова ќе биде наш прв тест пред почетокот на сезоната, пред дуелот со НЕКСЕ закажан за крајот на месецов.

Тренерот Стефче Алушовски ќе има на располагање 20 ракометари. Тимот ќе биде сместен во Охрид и таму ќе тренира, а ќе патува секојдневно на натпреварите во Струга.

Имавме период од неколку седмици каде се „набиваше кондиција" и се вклопуваа новите играчи. Се темпираше новата форма, се воигруваа новите акции, се повторуваше од што во минатото функционираше добро.

„Презадоволен сум од работната атмосфера. Се работеше најмногу на физичка подготовка, а попладне и на тактика. Ни претстои уште доста за да дојдеме до посакуваното ниво за Лига на шампионите. Струга е прв турнир на кој ќе провериме се што работевме изминатиот период. Тука мислам на она што го вежбавме.
Сите играчи ќе добијат шанса. Вардар 1961 како европски првак оди со цел да го освои турнирот во Струга. Не можам да кажам дека резултатот не е важен, но во преден план е формата, вели Алушовски..

Последен пат Вардар 1961 има триумфирано во Струга во 2007 година. Сега 13 може да биде и среќен број.
- Не дека одиме да се проверуваме само. Нормално е дека одиме да победиме. Бројките се само бројки. Вардар 1961 не учествувал одамна на турнирот. Сега сме повторно тука да играме и да се надигруваме, вели Алушовски.

Има доста играчи што се првпат во Вардар 1961, ќе им биде ова прво играње вака на отворено, на поинаква подлога.
- Сите поминале низ различни категории во клубовите од каде доаѓале, па и различни турнири и места. Условите во Струга се исти за сите екипи. Подлогата е поразлична, потврда од оваа во Скопје. Ќе треба да се навикнеме. Имаме доста нови играчи што треба да се воиграат. Не сме на посакуваното ниво. Работиме да направиме да стигнеме до онаму каде сакаме да бидеме.

Ривали во Струга ќе ни бидат Охрид, Еурофарм Пелистер 2 и Бутел.
„Екипата на Охрид од лани ја знам. Се работи за квалитетен тим што не е за потценување. Еурофарм Пелистер 2 е млад тим со неколку искусни играчи кои имаат настапувно за посериозни екипи. Бутел е тим што е во врвот на домашното првенство. Овој момент е добро да играме вакви натпревари. Ние сме фаворити, но никого не потценуваме. Ова ќе биде вистинска проверка на се што сме работеле, вели Алушовски.

Вардар 1961 сите три натпреварувачки денови своите мечеви ги игра во вечерен термин од 21,15 часот.
Во четврток играме со Охрид, во петок со Еурофарм Пелистер 2 и во сабота со Бутел. Финалните средби се играат во недела.

 

среда, 12 август 2020 - 15:18