Зимски турнир: Вардар и Бисинов Вардар шампиони во генерациите 2004/05 и 2006/07

Пионерската селекција на Вардар и Бисинов Вардар се шампиони на зимскиот турнир „Еден живот, една љубов" во категориите 2004/05, односно 2006/07. Зимскиот турнир годинава се игра во периодот од 15 до 18 јануари, а подоцна месецов турнирските натпревари во мини ракомет ќе ги одиграат и најмладите членови во Ракометната академија Вардар момчињата и девојчињата родени 2010 и помали.

Вардар е победник на зимскиот турнир „Еден живот, една љубов" во категоријата 2004/05 по триумфот против екипата на Аеродром со 28 : 17 (11 : 7). Годинава за првпат на зимскиот турнир имаме екипи кои не се членови во Ракометната академија Вардар, екипата на ракометниот клуб Аеродром, кои внесоа нов предизвик во дуелите со сите наши екипи и се изборија за втората позиција во категоријата 2004/05.

Пионерската селекција на Вардар

Тренерот на Аеродром Горан Стојков се обиде да го реорганизира тимот да одговори на играта на Вардар, наметнувајќи игра со седум ракометари на теренот, но тоа не беше доволно да го надигра црвено – црниот противник. Се наметнавме како фаворити од почетокот на играта, но реално за убедлива победа поведовме во вториот дел од натпреварот. Во полуфиналните натпревари Вардар беше подобар од Урдаревски Вардар со 25 : 11, а Аеродром од Карпош Вардар 29 : 20.

Урдаревски Вардар се пласираше на третото место откако во пенали против Карпош Вардар победи со 21 : 20. Ова беше и најнеизвесниот натпревар на кој видовме по сила израмнети дуели во кои противниците резултатски се следеа. На моменти подобар Карпош Вардар, на моменти Урдаревски Вардар, но се играше жестоко и решително за победа. Регуларните 40 минути натпревар завршија со реш 19 : 19.

Пласманот на останатите осум екипи може да го погледнете на следниот линк: 04-05_2.docx

На турнирот „Еден живот, една љубов" во категоријата 2004/05 беа поделени и награди за најдобрите ракометари.

Најдобар стрелец е Давид Димевски од Карпош Вардар кој постигна 69 гола на турнирот.

Најдобар голман е Кристијан Кралев од Аеродром.

Најдобар Играч Марио Стојановски од Вардар.

Во категоријата 2004/05 на петто место на турнирот се пласираше Балтепе Вардар, зад него е Бисинов Вардар, потоа е Преспа Вардар и Драчево Вардар.

Момчињата на Бисинов Вардар се шампиони во категоријата 2006/07. Во оваа категорија победникот се одреди според бод систем, односно секоја екипа играше против секоја. Во двата дена натпревари Бисинов Вардар покажа дека е подобар од останатите учесници завршувајќи ги сите натпревари со победа.
Во оваа категорија на второ место се пласираше екипата на Урдаревски Вардар со само еден пораз, и тоа од првопласираната екипа.

Резултатите од натпрерварите може да ги видите на следниов линк: 6-7_2.docx

Момчињата од Ѓорче Петров Вардар се на трето место, а зад нив се Ангели Вардар и Карпош Вардар.

Во категоријата 2006/07 се подели и индивидуални награди за најдобрите ракометари во генерацијата.

Најдобар стрелец е Марко Павлов од Ѓорче Петров Вардар со постигнати 44 гола.

Најдобар голман е Јован Ѓошевски од Бисинов Вардар.

Најдобар играч Марко Каевски од Урдаревски Вардар.

четврток, 17 јануари 2019 - 12:32