Вардар Седмерец од Охрид почна со уписи на нови членови

На прагот на новата ракометна сезона за децата и млади Вардар Седмерец од Охрид почна со уписи на деца родени од 2005 до 2013 година. Ракометната школа е дел од семејството на Ракометната академија Вардар и изминатите години е дел од најголемите ракометни проекти за деца во Македонија, Вардар Јуниор лигата и турнирот „Еден живот, една љубов".

Менаџерот Борис Џутески вели дека со нетрпение го чека стартот на новата сезона и е нетрпелив да ги види новите членови од Охрид низ салите каде во сезоната 2019/2020 ќе се одржува лигата.

„Стартуваме со тренинзи на четири локации во Охрид. Во основните училишта 'Христо Узунов' во понеделник и среда од 19.30 часот, 'Живко Чинго' - во вторник и четврток од 19 часот и 'Св. Климент Охридски' – во понеделник и среда од 18 часот и во ИБ Фитнес Центар во понеделник и петок од 19 часот. Очекувам голем интерес и од децата за учество во лигата, особено поради минатогодишното успешно учество, односно го освоивме турнирот 'Еден љубов, еден живот' а во лигата го освоивме второто место", вели Џутески.

Според него соработката со Ракометната академија Вардар има значајна улога за развој на школата во Охрид, како и за откривање на нови ракометни таленти од овој регион на Македонијa.

„Соработката со Академијата ни нуди можности секогаш да сме чекор пред другите и да се развиваме под брендот Вардар. Нашата основна цел е да продолжиме континуирано и напорно да работиме со децата, на крај на мината сезона во школа тренираа повеќе од 140 деца и сакаме со истото темпо и квалитетна работа да продолжиме и оваа година. Сезонава по втор пат ќе учествуваме во Вардар Јуниор Лигата со екипа од момчиња родени 2008/09 и девојчиња родени 2006/07 година. Ова е голем чекор напред и голем предизвик, како за децата така и за нас, зашто лигата е место каде децата имаат шанса да бидат забележани од скаути кои може да им помогнат преку вардаровите селекции да израснат во професионални ракометари", вели Џутески и дополнува:

„Постојано работиме да се изгради тимски дух меѓу децата кои тренираат. Покрај ракометот, ги вклучуваме и во разни хуманитарни активности, односно, минатата сезона повеќепати се вклучивме во проекти што ги организираше Црвен Крст, имавме и новогодишна забава за членовите од ракометната школа во локалот Cuba Libre, им организираме по еден натпревар во месецот, организиравме и викенд дружби и екскурзии за членовите, за прв пат во мај годинава го организиравме турнирот "5-ка за ракомет" и учествуваа повеќе од 300 деца. Многу е важно да се развие хемија меѓу децата, да имаат доверба меѓу себе и на теренот да играат како тим", вели Џутевски.

Вардар Седмерец, Ве очекуваме на турнирот „Еден живот, една љубов" и на натпреварите од Вардар Јуниор лигата!

четврток, 5 Септември 2019 - 12:29