Шампионите од Кичево доаѓаат да ги гледаат шампионите на СЕХА лигата

Околу 40 момчиња и девојчиња од Кале Вардар од Кичево во салата СЦ „Јане Сандански" в недела во живо ќе ги следат натпреварите од финалето на СЕХА – Газпром лигата, како и забавата и шоуто што го организира СЕХА во соработка со РК Вардар. Забавата почнува 30 минути пред почетокот на секој натпревар, а децата ќе уживаат во настапот на фамозниот Кирил Џајковски, Танец, Escape Dance Studio од Загреб, спектакуларното паркур шоу со македонски изведувачи "Parkour Beyond", македонските учесници на Евровизија Eye Cue со евровизиската песна "Изгубено и најдено", како и победниците на ТВ шоуто „Суперталент на Хрватска", гимнастичарите и акробати Емил Кузмински и Матеја Иванковиќ и Блезери блех оркестар.

Во групата од ракометната школа Кичево се и Матеја Стефаноска и Евгенија Ристевска, кои веќе три години учествуваат и на единствената и најдобра Вардар Јуниор лига. Се натпреваруваат во генерацијата 2004/05 и сезонава играат со максимален учинок, најавувајќи дека се сериозен кандидат за шампионската титула и во нашата лига. Нивната генерација минатата година беше второпласирана, а на Зимскиот турнир две години по ред се најдобри меѓу врсниците.

Матеја Стефаноска е родена 2005 година и речиси 5 години тренира ракомет. Интересот за ракометот го наследила од мајка ѝ, која исто така порано играла ракомет, и додека Матеја била мала заедно гледале натпревари.

„Се надевам дека во сала ќе бидеме најмалку 30 минути пред да почне натпреварот зашто ни кажаа дека ќе има многу забава, со специјални ефекти со светлото, акробации, познати уметници. Ми раскажувале дека финални натпревари се спектакуларни, со одличен натпревар меѓу силни екипи и многу забава пред натпреварите и по нив. Иако за мене најголемото доживување е што ќе дадеме поддршка на Вардар во одбраната на титулата", вели Матеја.

Нејзиниот соиграч Евгенија Ристевска е родена 2004 година, и вели дека родителите пред 4-5 години ја натерале да тренира ракомет.

„Не го сакав ракометот и не сакав на почетокот да тренирам. Но, сега ми е најинтересниот спорт. Со нетрпение чекам да ги гледам и вардарци на финалниот натпревар во СЦ 'Јане Сандански'. Среќна сум дека во живо ќе можам да присуствувам на толку голем натпревар, Вардар игра против ППД Загреб, но ми кажаа дека има настап и на професионални навивачки. Поразлично од сето она што претходно сме го виделе на натпреварите од СЕХА во Скопје", вели Евгенија.

Ве очекуваме на финалето на СЕХА – Газпром лигата во СЦ „Јане Сандански" и заедно со Матеја и Евгенија ви покануваме да бидете на своето место најмалку 30 минути пред почетокот на натпреварот.

сабота, 14 април 2018 - 16:04