Не е важно од каде сте, каде сте родени и каде живеете - Вардар го сакаат сите

Најсилната мотивација за децата кои го сакаат ракометот е кога ќе се вклучат во екипата на нивните идоли, односно кога ќе станат дел од она што за нив е најдоброто. Најдобриот ракометен клуб во Македонија Вардар го има токму тој неодолив магнетизам што со години привлекува млади таленти во нашата Ракометна академија, која традиционално организира лига за деца и за млади ракометари - Вардар Јуниор лига.

Љубовта кон брендот е дел од секојдневието на локалните млади фанови, но и меѓу оние кои престојуваат во државава, и го одбираат Вардар како место каде нивните деца ќе учат ракомет и ќе напредуваат.
Не е важно од каде сте, каде сте се родиле или каде растете, Вардар е магнет за сите.

Брајан Авиа е Македонец со потекло од Нигерија и Того, а Јаков Румих е Словенец кој веќе неколку години престојува во Македонија. Двајцата се млади ракометари во екипата на Шампион Вардар и дел на најдобрата Вардар Јуниор лига.

Јаков Румих е голем вљубеник во ракометот и тренира речиси 4 години. Кога наполнил 7 години со семејството се преселиле во Македонија, и сѐ уште го учи македонскиот јазик. Со Јаков зборувавме на англиски, и кратеше зборови да опише колку многу се забавува и ужива во ракометот.

„Честопати гледав ракомет на телевизија и татко ми дозволи да почнам со тренинзи. Набрзо се запознав со поранешниот голман на Вардар Арпад Штербик и неговиот син, со кој трениравме заедно. Многу се забавувавме. Во школата каде почнав имаше и други познати ракометари, и уште посилно посакав да тренирам. Но ми недостигаа натпревари, и откако се запишав во школата на Шампион Вардар се вклучив и во натпреварите. Го сакам ракометниот натпревар зашто ми дава енергија, има многу акција и одлично се чувствувам по натпревар. Условите со Македонија за тренинзи и за натпревари се многу добри. Играме како на професионален натпревар. Имам одличен тим и многу се дружиме со другарите. Многу ми се допаѓа во Македонија", вели Јаков.

Прв впечаток за Брајан е дека ужива во спортот. Момчето е родено во Скопје и веќе има одлични резултати од натпреварите во атлетика. За себе вели дека порано не бил голем фан на ракометот, но откако почнал да тренира стекнал нова пасија.

„Мајка ми е родена во Скопје со потекло од Того, но мојот дом е Македонија. Ракомет почнав да тренирам пред еден месец на покана на тренерот Слободан Чивлачки. Забележа дека сум брз и ме покани во школата Шампион Вардар. Имаме одлични тренери, многу добар тим, со Никола и со Виктор заедно учиме, и се дружиме. Денес уживав во натпреварот. Многу ми се допадна ракометот, иако тренирам еден месец. Не сум гледал натпревари претходно, но брзо се вклучив во тимот и би сакал да продолжам да играм. Имам искуство во повеќе спортови, пливање, гимнастика, но најмногу резултати имам со атлетика. Сега истовремено тренирам атлетика и ракомет. Имам многу златни, сребрени и бронзени медали од трки на 100м и на 200 метри како и во скок на далечина. Моето време мерено рачно на 100 метри е 13секунди и 63 стотинки, додека електорнски е 14:11", вели Брајан.

Вардар Јуниор лигата четврта година по ред организира редовни натпревари за најмладите љубители во ракометот. Сезоната стартува во текот на октомври и вообичаено привршува околу мај. Децата имаа одмор за време на школскиот распуст, но во тој период Ракометната академија Вардар организира и зимски турнир.

вторник, 4 декември 2018 - 11:29