Најмладите вардарци од Кисела Вода тренираа со Индира Кастратовиќ и Симе Симовски

Најмладите дечиња од ракометната школа Кисела Вода Вардар имаа уникатно искуство меѓу нивните врсници на тренинг со тренерот на женската екипа на Вардар Симе Симовски и координаторот за женските младински селекции Индира Кастратовиќ. Искуството го збогатија и три ракометарки од екипата на Вардар Ива Јаковчевска , Ана Марија Божиновска и голманот Симона Грујовска.

Момчињата и девојчињата родени 2010 година и помали, како и нивниот тренер Билјана Пецевска ги пречекаа гостите од Вардар во салата на ОУ „Партение Зографски" во Кисела Вода, каде секој вторник и четврток од 16.30 часот одржуваат тренинзи.

Кастратовиќ и Симовски често присуствуваат и на натпреварите на младите ракометни таленти, се дружат со нив, судат на натпревари во мини ракомет и се разбира, секогаш се во потрага по нови таленти за вардаровите селекции.

Дечињата се израдуваа на можноста да се дружат и да научат по некоја нова вештина од искусни и докажани клупски учители. Внимаваа на советите кои вардаровецот и селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија Симе ги сподели со нив, а се радуваа и на можноста што покрај тренингот имаа можност да шутираат голови на нашата ракометна ѕвезда и вардарка Индира.

Одлично дружење во организација на Ракометната академија Вардар во нашата потрагата по идни вардарови ѕвезди.

За сите што сакаат да бидат дел од вардарова школа во Кисела Вода, сите информации може да ги добиете од тренерот Билјана Пецевска на тел.078/345 – 687.

 

среда, 10 октомври 2018 - 13:38