Мини ракометот им помага на децата полесно да се снајдат на голем терен

Искуството што нашите најмлади ракометари го добиваат преку натпреварите во мини ракомет е подеднакво важно како и учеството во ракометни натпревари од мала возраст. Преку натпреварите во мини ракомет децата се запознаваат со играта со противник, учат како е да се игра пред публика, да се носат со притисокот кој ќе постигне повеќе голови, и најважно од сѐ е што и самите можат да увидат колку напреднале во однос на децата од другиот тим. Дека ваквото искуство помага потврдуваат и Сара Стојановска и Симона Дамјаноска од Кале Вардар, кои се натпреваруваат во генерацијата 2006/07 во женска конкуренција.

Симона Дамјаноска ракомет тренира веќе 5 години.

„Уште на петгодишна возраст многу го сакав ракометот и почнав да тренирам. Мислам дека љубовта ја наследив од татко ми, кој порано тренирал. Иако на почетокот тоа беше рекреативно, сега тренирам многу посветено. Неделно имаме по 4 тренинзи и многу ми се допаѓа. Особено играта и натпреварите. Лани се натпреварував во мини – ракомет, и иако таму немаше победници туку битно беше да се учествува и да се дружиме, сепак тоа искуство ми помогна годинава подобро да се снајдам на натпреварите. Сега играме на цел терен и ако се вклучев веднаш тука, ќе ми беше потешко и позбунувачко", вели Симона.

Симона Дамјаноска

Нејзин идол е нашиот среден бек Андреа Лекиќ, зашто понекогаш играле и на иста позиција. За своите тренери Ѓоко Маркоски, Драган Кузманоски и Анастасија Стефаноска вели дека се трудат да им пренесат знаење колку што можат повеќе, како и дека ги вклучуваат на турнири кога има можности.

„Летово во Кичево клубот организираше турнир на кој игравме и ние, а и лани бевме со тимот на турнир во Полска. Имаше интересни и силни противници. Искуството од овие трунири го носиме со нас во лигата, каде можеме да се дружиме и да се запознаеме со другарчиња од други градови", вели Симона.

Сара Стојановска почнала да тренира на три години, но ова и е прва сезона во Вардар Јуниор лигата.

Сара Стојановска

"Ракометот многу го сакам, но ова ми е прва година да се натпреварувам и добро се снаоѓам на натпреварите. Преминот од мал на голем терен ни даде повеќе простр за играње, а и кога нешто ме буни, Симона или некој од другите кои лани учествувале во лигата, ни помагаат. На почетокот ми беше чудно, но се прилагодив. Секако треба и да сум редовна на тренинзи, за да напредувам побрзо, и тоа да го покажам и на натпреварите во лигата. Битно ни е да бидеме ефикасни како тим", вели Сара која е лев бек во тимот.

Таа има учествувано и на неколку пријателски натпревари, на кои вели целта е да научат повеќе, а на вистинските натпревари да покажат што знаат.

„Имаме и професионални судии кои внимаваат да ги почитуваме правилата. Ако забележат дека некој, на пример, не знае да изведе фаул, ќе му покажат како треба, и тоа е одлично. Зашто се учи и од нив", вели Сара чиј идол се Лука Циндриќ и Сара Ристевска.

среда, 6 декември 2017 - 16:24