Кога сонот станува јаве - Дресот од Јуниор лигата да се замени со вардаровиот

Последнава сезона учествуваше на зимскиот турнир „Еден живот, една љубов", и беше наградена за најдобар играч, а претходната сезона со индивидуални награди се закити и по финалето од Вардар Јуниор лигата. Запознајте ја Марија Гоцевска, која од новата сезона ќе се натпреварува во дресот на Вардар.

Марија Гоцевска изминатите години се натпреваруваше за екипата на Делчево Вардар, каде и ја забележа тренерот на младинската селекција Анжела Платон и ја покани да се приклучи кон вардаровите младинки.

„Искрено не очекував, но посакував да бидам дел од младинската селекција на РК Вардар. Секогаш се трудев да го дадам својот максимум на натпреварите, што не остана незабележано од нивните скаути. Подготвена сум да заиграм во дресот на Вардар и очекувам од себе да дадам значаен придонес во остварување на идните успеси на екипата. Се надевам на добра соработка со новите тренери и очекувам со нивните совети да напредувам како ракометар", вели Марија Гоцевска, која најважниот впечаток меѓу вардарци го остави за време на натпреварите од првата сезона на Вардар Јуниор лигата.

Изминатата сезона Гоцевска беше дел од тимот на тренерот Горан Велков, којшто се натпреваруваше во кадетската и младинската лига на РФМ, и имаа натпревари и против вардаровите екипи. Но, за да останат во фокусот на вардаровите скаути, Велков ги водеше и на натпреварите од зимскиот турнир, што е во организација на Ракометната академија Вардар.

„Оваа година ми беше прилично исполнета со ракометни случувања. Со Делчево Вардар учествувавме во кадетска и младинска лига, а на зимскиот турнир со екипата го освоивме првото место и добив награда за најдобар играч. Со девојките од Вардар се познавам и одржувам комуникација со повеќето од играчите. Како пред и по натпреварите, така комуницираме и приватно преку социјалните мрежи. Всушност веќе се чуствувам како дел од тимот. Но, со намера целосно вклопување во екипата и да присуствувам на сите тренинзи потребно беше да се преселам во Скопје и гимназиското школување ќе го продолжам во Скопје во спортската гимназија 'Методи Митевски Брицо", вели Марија.

Сепак, вистинската шанса за успех вели дека и ја донела Вардар Јуниор лигата. Според неа, прекрасно искуство кое овозможува за голем дел на играчите да се појават на терен пред ракометни професионалци кои можат да ги препознаат нивните квалитети. „Убедена сум дека учеството лигата и добиените награди за најдобар играч и најдобар стрелец во првата сезона, и најдобар играч во втората сезона имаа свој придонес за денес да бидам дел од РК Вардар", дополнува Гоцевска.

вторник, 11 јули 2017 - 11:17