Драгана Ристова на тренинг со најмладите вардарци во ОУ „Партеније Зографски“

Подготвивме изненадување пред почетокот на вториот дел од Вардар Јуниор лигата, традиционален проект на Ракометната академија Вардар, за нашите млади ракометари во школата во Кисела Вода Вардар. Тренерот на женскиот клуб на Вардар, Драгана Ристова организираше тренинг за момчињата и девојчињата родени 2008, 2009, 2010 и помалите, а кои се членови на нашата академија. Присуството на тренери од Вардар на тренинзи во нашите ракометни школи преминува во пракса и сезонава тренинзи за најмладите веќе организираа тренерот на Вардар Јуниор Стојан Петрушевски и тренерот за голмани Александар Царчев.

И овој пат, атмосферата на тренингот се промени кога децата го видоа гостинот, поранешна репрезентативка на Македонија и тренер на женскиот состав на Вардар Драгана Ристова. Драгана е и сестра на нивниот тренер Билјана Пецевска, и пред неколку години двете заедно работеа со младинската женска селекција на Вардар. Искуството од заедничка работа со млади категории се забележа и на овој тренинг преку усогласеноста меѓу тренерите. Но, најсреќни беа децата.

Работеа на нови чекори, но и ги утврдуваа акциите што веќе ги научиле. Малите главчиња внимателно слушаа што Драгана им објаснува, трудејќи се во чекор да повторат сѐ што ќе чујат. Им покажуваше финти како да го надмудрат противникот, како да ги надиграат и да постигнат гол.

 

„Тие веќе го сакаат ракометот и искрено, детски се забавуваат додека тренираат. Најубаво е што несвесно, со насмевка учат и го применуваат тоа што им го покажувам и објаснувам. Кај сите е заедничка желбата да знаат повеќе. Да научат повеќе. Ракометот, како и секој спорт им дава на децата избор да не се постојано пред мобилни телефони или таблети, да растат здраво и во дружба со своите врсници", вели Драгана Ристова.

Термините за тренинг во школата Кисела Вода Вардар се секој вторник и четврток од 17.30 часот за децата родени 2010 година и помлади, а од 18.30 часот за децата родени 2008/09. Тренинзите се одржуваат во основното училиште „Партеније Зографски".

 

среда, 19 февруари 2020 - 12:39