Бестрашни на голот - Драгана и Вероника се дел од машки тимови на Вардар Jуниор лигата

Драгана Маркоска и Вероника Ѓорѓиевска се бестрашни кога ќе застанат меѓу стативите на натпреварите од Вардар Јуниор лигата. Двете се натпреваруваат во машка категорија, и можат да се пофалат со награди за најдобар голман доделени од Ракометна академија Вардар, а поискусната Драгана има и по некој трофеј од меѓународни турнири. Не се плашат од топката, и сеедно им е дали шутира ракометар или ракометарка, иако признаваат дека машките имаат посилен и побрз шут.

Запознајте ги Драгана, која годинава се натпреварува во категоријата 2002/03, и Вероника, која е дел од категоријата 2004/05.

Драгана Маркоска е дел од машката екипа на Кале Вардар од Кичево и во јануари годинава наполни 15 години. Навикната е да брани против постари екипи, како и против машки тимови. На зимскиот турнир „Еден живот, една љубов 2018", Драгана беше избрана од тренерите на ривалските тимови за најдобар голман и тоа во машка конкуренција во категоријата 2002/03.

„Ова ми е петти пат да бидам најдобар голман, односно, до зимскиот турнир во 2015 година играв на различни позиции, а на турнирот за првпат во тимот бев само голман и на крајот за првпат добив награда за најдобар голман. Потоа веќе не менував позиции, останав голман. Следната сезона бев најдобар голман во Јуниор лигата, освоив признание и на меѓународниот турнир во Полска, па признание и на следниот зимски турнир 2017 година со екипата на Филип Вардар во категоријата 2000/01, и сега во јануари во машка категорија", раскажува Драгана.

Дали ѝ е полесно да одбрани шут од машко или од девојка, Драгана вели дека зависи од играчот.

„Не можам да издвојам што е полесно. Има ракометарки кои шутираат многу силно, а има и машки со многу брз шут. Имам одиграно многу натпревари, немам трема, немам страв... Едноставно сум сконцентрирана и давам максимум на мечот. Имам и голема поддршка од тренерите. Пред натпревар редовно вежбам и сама. Се случува понекогаш некој од противниците да ме потцени, ама не е така лесно да даде гол. На последниот натпревар, за 25 минути имав 13 одбрани од кои една беше контра, некако полесни ми е да одбранам шут од 6 метри отколку од 9", раскажува Драгана.

Вероника Ѓорѓиевска е дел од одбраната на Урдаревски Вардар во машка категорија. Родена е 2005 година и ракомет тренира последниве три години. Пред две години, на зимскиот турнир беше прогласена за најдобар голман во нејзината категорија 2004/05, а лани на турнирот со девојките во категоријата 2002/03 го освои третото место. Две години е дел и од Вардар Јуниор лигата.

„Клубот сезонава немаше доволно девојчиња за женски тим и морав да се вклучам со машките. Но, со нив сум веќе втора година и се навикнав на тој стил на игра, со побрзи контри и појаки штеви. Дури со машките ми е полесно отколку со девојчињата. Лани на тренинг ми го скршија и прстот, три месеци не вежбав, но ми помина и пак се вратив пред стативите. Тимот ми дава целосна поддршка, а лани во лигата бранев за два тима. Со нашата машка екипа 2004/05 годиште и со екипата на Будимир Вардар во женска конкуренција. Со девојчињата бев во постара категорија, во 2002/03, во која имаше ракометарки со многу силни шутеви", раскажува Вероника.

Идоли ѝ се Арпад Штербик и Ина Суслина, кои ѝ биле и мотивација да ја одберам голманската позиција.

„Имав голема желба да бидам голман, и добар голман сум. Имаме многу добри тренинзи и од тренерот сум многу задоволна. Сега сме четворица голмани кои тренираме заедно. Јас сум најмала и сите ми помагаат побрзо да се снајдам. Тоа што сум дел од машки тимови значи и повеќе поразлично искуство поради кое верувам дека ќе бидам подобра кога ќе бранам во женска конкуренција. Ако треба и в година ќе играм во машкиот тим, битно ми е да бидам дел од ракометот", вели таа.

Драгана и Вероника, не се единствените девојчиња кои се натпреваруваат во машка категорија. Сезонава некои тренери побараа неколку девојки да се вклучат во машки тимови затоа што немаше можност да се натпреваруваат во женска категорија. На сите им посакуваме успешна сезона.

среда, 14 февруари 2018 - 16:06