Марсениќ: Мораме да играме агресивно и умно

Во лигата на шампионите секој натпревар е дерби, неизвесен до крај и секој бод е важен за натамошниот пласман. Но, саботниот дуел на Вардар во Сегед (17,30 ч.) може да биде и клучен за вардарци во борбата за освојување на првото место во Б групата од лигата на шампионите.

Од гостувањето во Унгарија ќе биде познато колку сме блиску до освојување на првото место, што би ни овозможило директно место во четвртфиналето, без да играме мечеви од осминафиналето.

На првите три натпревари што ги одигра Вардар годинава, победи, во СЕХА лигата и во ЛШ. Но, сега притисокот е поголем, влогот исто така. Ни одговара да се вратиме од Унгарија и непоразени, бидејжи секој бод ќе значи останување во врвот.

„Немора да победиме, но речиси и да мора. Ако победиме во Сегед би имале добра позиција и до крај да ги одиграме другите три меча позитивно, потоа би ја исполниле целта да бидеме во горниот дел од табелата. Ако загубиме во Сегед можеме во недела да бидеме и четврти. Тука секој бод е важен и сега гледаме колку ни требаа бодовите во Загреб. Нашиот ривал е добра екипа и одличен тренер, и ретко која екипа го добива таму натпреварот. Кјелце губеше до 50 минута, па потоа голманот одбрани и се сврте резултатот. На ваков натпревар одбраната треба да биде добра за да добиеме на сигурност. Потоа е полесно да погодиш од полуконтра и контра. Се надевам дека ќе влеземе добро и ние голманите ќе помогнеме на натпреварот, вели Арпад Штербик, голманот на Вардар.

Вардар и ПИК Сегед досега петпати играле меѓу себе во лигата на шампионите, и ние имаме позитивен биланс од тие натпревари, со три победи, и по едно реми и пораз. И лани бевме во иста група во ЛШ, и ние победивме на тие средби. Во Скопје со 27-23, а на гостувањето во Унгарија со 31-29.
На првиот меч сезонава во Скопје во средината на октомври победивме со 30-27.

„Ова сигурно ќе биде најтежок меч сезонава. Знам против кого играме, против екипа со врвен тренер. Тој знае сѐ за нас, но и ние за нив. Не очекува силен меч, мораме да играме агресивно и умно, во напад да не грешиме, да ја користиме секоја шанса што ќе ја добиеме. Може да се победи таму. Лани можеби победивме и полесно од оечкувањата, сега сигурно ќе биде потешко. Но ако одиграме онака како што од нас се очекува тогаш можеме повторно да победиме, вели Мијајло Марсениќ, пивотменот на Вардар.

Унгарците во претходното коло загубија на гостувањето кај Мешков со 25-23, што ги остави на делба на третото место заедно со Рајн Некар, заостанувајжи само бод во однос на Вардар и Кјелце.

петок, 17 февруари 2017 - 10:16