Поповски: Верував во себе, Вардар ми даде шанса и стигнав до репрезентацијата

Македонија од 12 јануари по петти пат ќе игра на СП, а во репрезентацијата што отпатува за Франција има двајца ракометари на Вардар. За разлика од стандардниот пивотмен Стојанче Стоилов, кој е незаменлив дел од македонската репрезентација на списокот од 19 ракометари се најде и напшето десно крило Мартин Поповски (22).

Тој настапува за екипата на Вардар јуниор, но истовремено е пријавен и за настапи во СЕХА лигата. Се појави на неколку натпревари за првиот тим на Вардар, прикажа одлични игри, по што стигна и поканата за неколкуте репрезентативни акции.

Мартин Поповски веруваше во своите квалитети, иако знаеше дека конкуренцијата е голема, и ќе биде тешко да се избори место во најдобрата селекција.

„После првите неколку собири што беа органиизрани низ Македонија имав некоја надеж дека кога ќе добијам шанса на овој генерален собир, ќе можам да се докажам, и да успеам да се наметнам кај селекторот за да влезам на списокот на селекторот. Надеж секогаш постоеше кај мене, и тој сон ми се оствари", вели Поповски.

Влезе во оние 19 ракометари што отпатуваа за Франција, но нов предизвик е да се биде во 16-те што ќе настапат.

„Сите 19 ракометари што патуваат се квалитетни и можат да ги исполнат задачите на селекторот. Затоа и патуваат. Сега останува во кој момент селекторот која тактика ќе ја применува, веројатно и тој тип на играчи ќе бидат. Но, верувам дека можам да бидам и меѓу тие 16 што ќе играат на некој натпревар на СП во Франција".

Вардар му беше добра отскочна даска да биде забележан, но и да покаже дека поседува квалитет. Во голема мерка помогнаа и натпреварите од СЕХА лигата.

„Почнав со вториот им на Вардар кога тренер беше Пепи Манасков, а сезонава продолжив со Стојан Петрушевски. Лани имавме добра сезона, и тоа го за бележаа во клубот, па и тренерот Раул Гонзалез ми даде шанса да одиграм на некои СЕХА натпревар. Сметам дека тоа беше добар плус да видат и други дека имам квалитет, па стигна и поканата за во репрезентација"


Без разлика што брзо го препознаа квалитетот на Мартин, тој останува скромен и со желба да продолжи да учи и напредува.

„Секогаш има време и треба да се учи и напредува. Така секогаш размислувам. Во иднина сакам да напредувам и да искористам нешто и од постарите колеги, и тука во репрезентацијата и во клубот. Ова е само една основа што ја имаме и треба да учиме.

Сега настапува за Вардар јуниор, и повремено на некои мечеви од СЕХА лигата за Вардар. Целта е да биде во првиот тим и да има и настапи во лигата на шампионите.

„Мартин би сакал да биде дел од првиот тим на Вардар, но тоа е работа на управата. Мое е да работам и напредувам, а резултатите секако ќе дојдат. Многу ми помогна тоа што играв за Вардар. особено тие СЕХА натпревари, бидејќи многумина го видоа мојот квалитет. Се надевам и во иднина ќе добивам шанса за докажување.

Иако е во групата на дебитанти големи се шансите Мартин да го видиме и на некои натпревари на репрезентацијата на Македонија сега на СП во Франција.
Нашата репрезентација е во група со Тунис, Ангола, Шпанија, Словенија и Исланд. Првите четири репрезентации од групата продолжуваат во осминафиналето, што е целта на Македонија на ова СП.

вторник, 10 јануари 2017 - 10:35